УСАИД го промовира факторингот како алтернативен извор на финансирање за малите и средни претпријатија

Press Release Shim

Speeches Shim

Проект за факторинг
Прва конференција за факторинг

За итна објава

вторник , 27 март , 2018

Денес, на 27-ми март, 2018 година, Проектот на УСАИД за факторинг во соработка со Стопанската комора на Македонија, ја одржа својата прва конференција за факторинг како финансиско решение кое овозможува раст на малите и средни претпријатија. На конференцијата учествуваа претставници од деловните и финансиски  здруженија, регулаторните институции, организации за поддршка на бизниси, мали и средни претпријатија и медиуми со цел да се зголеми разбирањето за факторингот. За време на конференцијата се водеше панел дискусија за различните аспекти на факторингот како алтернативен извор на финасирање.

Претставникот на Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Дејвид Атебери во неговиот говор забележа: „Нашите проекти од економскиот сектор имаат три цели: создавање и поддршка на поволно окружување за раст на приватниот сектор, подобрување на пристапот кон финансии и  на конкурентноста, особено меѓу малите и средните претпријатија. Проектот на УСАИД за факторинг е важна активност што ги адресира сите три цели заедно.“

Објаснувајќи го концептот на факторингот, г. Атебери рече: „Факторинг е кога една компанија која има побарувања, како на пример по основа на фактура, ги продава правата на друга компанија со цел да дојде до пари. Втората компанија плаќа намален износ од фактурата или од вредноста на долгот, но има право да ја наплати целосната сума од лицето или компанијата што должи пари.” Тој исто така додаде: “Една скорешна анализа го идентификуваше факторингот како корисна алатка која малите фирми можат да ја користат за да го подобрат готовинскиот тек како и нивната целокупна конкурентност.”

Министерот без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, г. Зоран Шапуриќ, во своето обраќање рече: „Факторингот е многу добра алатка за алтернативно финансирање на млади бизниси кои немале можност да изградат доволен кредитен рејтинг. Ги охрабрувам микро, малите и средните претпријатија да го истражат и да го применат овој инструмент во нивното секојдневно работење, да инвестираат во обуки на лица кои ќе бидат детално запознаени како функционираат различни извори на финансирање затоа што на крајот на денот токму компаниите ќе имаат најголема корист.“

Проектот на УСАИД за факторинг е тригодишна активност чија цел е зголемување на растот на малите и средни претпријатија преку зголемување на нивното знаење и користење на факторингот како финансиска трансакција. Факторингот може да го зголеми ефективниот обртен капитал и да го подобри готовинскиот тек кај малите и средни претпријатија со што ќе им овозможи да обезбедат нови договори и клиенти, да ги прошират своите пазари, да ги зголемат своите конкурентски предности и да ја унапредат својата севкупна конкурентност. За повеќе информации во врска со проектот,  обратете се на factoringproject@faktortrust.com.mk.

БЕЛЕШКА ЗАУРЕДНИЦИТЕ

Оваа година УСАИД ја оддбележува 25-годишнината од своето работење во Македонија. Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 610 милиони долари во Македонија од 1993. УСАИД работи со граѓаните на Македонија за да создадат работни места, да ги зајакнат демократските институции и практики, да го подобрат интегрираното образование и да ги подготват учениците за современиот пазар на труд. Овие иницијативи, во партнерство со граѓаните на Македонија, имаат за цел да го подобрат квалитетот на живеење во земјата. За повеќе информации посетете ја нашата веб http://macedonia.usaid.gov и Facebook страница http://www.facebook.com/USAIDMacedonia